За музејот


Националната установа „Музеј на албанската азбука“ – Битола е основана со Одлука на Владата на Република Македонија бр. 19 – 6007/1 од 24 ноември 2009 година. НУ „Музеј на албанската азбука“ – Битола е основана заради заштита, истражување, собирање, средување, стручно и научно обработување и проучување на музејските предмети значајни за уедначувањето на азбуката на албанскиот јазик. На 30.12.2010 година НУ „Музејот на албанската азбука“ – Битола е регистриран во Централниот регистар на Република Македонија со Решение бр. 3042010000-4673.

НУ „Музеј на албанската азбука“ – Битола располага со изложбен простор во сутеренот од 38,07 м² и на приземје со 110 м², канцеларии за директорот и вработените со други помошни
простории на прв кат со површина од 177 м². Вкупната површина на НУ „Музеј на албанската азбука“ – Битола изнесува 379 м².

историја


Иницијативата за свикување на Битолскиот конгрес, конгрес за создавање на една единствена азбука, ја презеде албанскиот клуб „Башкими“ („Bashkimi“) од Битола, кој ја имаше главната улога
помеѓу албанските клубови.

На 27 август 1908 година, по Одлуката која ја имаше донесено уште на 21 август, раководството на клубот „Башкими“ од Битола го објави својот повик, со кој ги извести сите клубови и друштва, во и надвор од Албанија, за предлогот за организирање на Конгрес за азбуката на 14 ноември1908 година на кој „Ќе се повикаат сите Албанци, геги и тоски, како и странци и посебно филолозите, кои се заинтересирани за ова прашање, да земат учество на овој голем конгрес“.

Како резултат на големата подготвителна и организациона работа, која ја спроведе Битолскиот клуб и другите албански клубови и друштва, на 14 ноември 1908 година во Битола, во зградата каде што беше сместено седиштето на клубот „Башкими“, се одржа Конгресот за уедначување на азбуката на албанскиот јазик, кој ја продолжи својата работа до 22 ноември.

На Конгресот зедоа учество 32 делегати со право на глас, кои ги претставуваа 26-те градови и различни албански друштва, во и надвор од татковината. Претседателството на Конгресот беше во состав: претседател на Конгресот – Митат Фрашери (Лумо Скендо), потпретседатели – Луиѓ Гуракуќи и Ѓерѓ Ќириази, секретари – Хил Моси, Тома Аврами, Нужет беј Вриони. На седницата на третиот ден од Конгресот (16 ноември), која беше резервирана само за делегатите на Конгресот, се формира една комисија од 11 члена, каде учествуваа претставници на истанбулската азбука, на друштвото „Башкими“ и на друштвото „Агими“ („Аgimi“), публицисти и познати интелектуалци.

Претседател на Комисијата за азбуката беше Ат Ѓерш Фишта, додека членови беа: Луиѓ Гуракуќи, Сотир Пеци, Митат беј Фрашри, Шахин беј Колоња, Димитр Буда, Дом Ндре Мједа, Ѓерѓ. К. Ќириази, Бајрам Фехми Топули, Нужет Вриони и Глигор М. Цилка. Решението на Битолскиот конгрес за азбуката беше објавено на отворена седница на 20 ноември (седмиот ден на Конгресот), претпладне. Комисијата донесе Одлука за создавање на албанската азбука, која ја потпишаа сите присутни делегати на Битолскиот конгрес.

Изложбена поставка


Постојаната изложбената поставка на НУ „Музеј на албанската азбука“ – Битола се состои од 51 фотографии, изработени со најмодерна технологија, на кои се претставени личностите кои придонесле за развојот на албанската азбука низ вековите, фотографии на личности – учесници на Битолскиот конгрес (14 – 22 ноември 1908 година) одржан во Битола и 58 документи во музејските витрини.

Во музејските витрини на НУ „Музеј на албанската азбука“ – Битола има документи од огромно значење кои сведочат за развојот на албанската азбука низ вековите. НУ „Музеј на албанската азбука“ – Битола поседува автентична копија на Одлуката за прогласувањето на азбуката на албанскиот јазик, потпишана од учесниците на Битолскиот конгрес.